Како се проверува дали DPF филтерот е затнат?

Кога ќе се појави DPF грешка или Check Engine, често се слуша дека „DPF филтерот е затнат“. Но само од грешката не може да се знае во каква состојба е филтерот.
Со компјутерска дијагностика можат да се прочитаат неколку вредности кои даваат многу подобра слика за неговата состојба.
Кои параметри се важни за проверка на DPF?
Најважни се три работи.
Soot Mass покажува колку саѓи има насобрано во филтерот.
Ash Mass или Ash Volume покажува колку пепел се има насобрано со текот на времето.
Диференцијалниот притисок покажува колкав отпор прави DPF филтерот на издувните гасови.
Добро е да се провери и кога била последната успешна регенерација и на колку километри автомобилот прави регенерација.
Не треба да се носи заклучок само според една од овие вредности.
Што значи Soot?
Soot се саѓите кои се создаваат при работата на дизел моторот.
DPF филтерот ги собира овие саѓи и затоа Soot вредноста постепено расте додека автомобилот се вози.
Кога ќе се собере доволно, автомобилот започнува регенерација. Температурата во DPF се зголемува и најголем дел од насобраните саѓи согоруваат.
Затоа после успешна регенерација Soot вредноста треба значително да се намали.
Кај многу автомобили после добра регенерација може да се видат вредности од неколку грама, а потоа тие повторно постепено растат. Точката на која започнува регенерацијата зависи од производителот и моторот. Кај различни системи може да биде околу 25, 30, па и 40 грама.
Што значи Ash?
Ash е пепелта која останува во DPF филтерот. Главната разлика е дека Soot може да изгори. Ash не може.
После регенерација Soot се намалува, но Ash останува во филтерот.
Со текот на годините и километражата количината на пепел постепено расте. Затоа автомобил со 200.000 или 300.000 километри може да има само неколку грама Soot после регенерација, но сепак да има значително исполнет DPF поради Ash.
Регенерација не може да ја отстрани оваа пепел.
Кои Soot вредности се нормални?
Нема една вредност која важи за секој автомобил. Сепак, за патничко дизел возило може грубо да се ориентираме вака:
| Soot | Груба проценка |
|---|---|
| 0 до 10 g | мала количина, често после регенерација |
| 10 до 25 g | нормално собирање на саѓи |
| 25 до 40 g | повисока исполнетост, кај многу возила тука се очекува регенерација |
| над 40 g | висока вредност која треба да се провери според конкретното возило |
Ова не значи дека секој DPF со 30 g е затнат.
На пример, кај еден мотор 30 g може да биде сосема нормална вредност непосредно пред регенерација. Кај друг мотор стратегијата на системот може да биде различна.
Токму затоа не препорачуваме принудна регенерација само затоа што некој видел одреден број на дијагностиката.
Колку Ash е нормално?
Со Ash работите се уште покомплицирани.
Кај некои автомобили вредноста се прикажува во грама, а кај други како Ash Volume во ml.
На пример, кај одредени BMW системи вредности околу 60 g веќе можат да бидат блиску до предвидениот капацитет на филтерот, додека кај некои VW системи фабричкиот лимит може да биде значително повисок. Кај одредени VAG мотори може да се сретне и Ash Volume лимит околу 175 ml.
Затоа не би користеле правило од типот: „50 g Ash значи дека DPF е за менување“ или „100 ml Ash значи дека филтерот е затнат“.
Без да се знае кој автомобил, мотор и DPF се во прашање, бројката сама по себе нема доволно значење.
Најважно е да се спореди моменталната Ash вредност со максималната дозволена вредност за конкретното возило.
А што покажува диференцијалниот притисок?
Диференцијалниот притисок е многу важен затоа што покажува колку тешко издувните гасови поминуваат низ DPF филтерот.
Ако филтерот е значително затнат, притисокот пред него обично ќе расте.
Оваа вредност се проверува на празен од, но уште подобро е да се види како се однесува при повисоки вртежи.
И тука нема една бројка која може да се прогласи за нормална за сите автомобили. Голем дизел мотор создава различен проток на издувни гасови од мал 1.5 дизел, па затоа вредностите мора да се споредат со податоците за конкретниот мотор.
Што да прашате во сервис за да ја знаете состојбата на DPF?
Ако ви кажат дека DPF филтерот е затнат, не мора веднаш да прифатите чистење, замена или друга интервенција.
Прашајте ги следните работи:
Колку грама Soot има?
Колку Ash има и кој е максималниот дозволен Ash за мојот автомобил?
Колкав е диференцијалниот притисок?
Кога била последната успешна регенерација?
Овие информации даваат многу подобра претстава за состојбата на филтерот отколку само изјава дека „DPF е 80% затнат“.
Во VeTuning при проверка на DPF ги гледаме вредностите во живо и ги споредуваме со податоците за конкретниот автомобил. На тој начин може да се утврди дали проблемот навистина е во филтерот, дали има само насобрани саѓи или DPF веќе има голема количина трајно насобрана пепел.
Закажување термин: 076 210 000
VeTuning, квалитетни решенија од 2014 година.
